Премиерот Христијан Мицкоски денеска најави дека на првата седница по Велигден владата ќе донесе нови мерки за контрола на цените на прехранбените производи, кои ќе бидат таргетирани и ќе се однесуваат на одредени групи граѓани и основни производи.
„Следните мерки на владата ќе бидат таргетирани и ќе се однесуваат на одредени групи на граѓани и на одредени производи, главно основни прехранбени производи. Тие ќе бидат комбинирани со намалување на ДДВ-то и со ограничување на профитната маржа“, истакна Мицкоски.
Премиерот додаде дека пред донесувањето на мерките ќе се направи анализа за тоа какви решенија ќе бидат најсоодветни, со цел владата да биде претпазлива поради неизвесноста околу должината на кризата.
Мицкоски, исто така, најави дека за март се очекува инфлација во интервал од 4 до 5 %.
