И покрај одлуката на САД да го замрзне издавањето иселенички визи за 75 држави, меѓу кои и Македонија, премиерот Христијан Мицкоски денеска од Кратово испрати смирувачки тонови. Тој најави дека во деновите што следат, граѓаните ќе слушнат „многу добри вести“ поврзани со патувањето во САД.
Премиерот појасни дека актуелната рестрикција се однесува стриктно на емигрантските визи, а не на оние за туристички посети или студирање, и нагласи дека се очекува позитивен развој на настаните со стратешкиот партнер.
Одговарајќи на новинарски прашања, Мицкоски истакна:
„Министерството за надворешни работи веќе даде свој коментар. Станува збор за емигрантските визи, не за оние визи за потребите за студирање, за туристички посети итн. Во деновите што следат ќе има добри, пријатни вести за македонските граѓани кога станува збор за ваков тип на односи со нашиот стратешки партнер“, изјави Мицкоски.
Остар напад кон опозицијата: „Тие се талог на општеството во политиката“
Премиерот ја искористи приликата да ја критикува опозицијата за, како што рече, избрзаните напади кон стратешките партнери на државата. Тој направи паралела со реакциите за трговските тарифи со Велика Британија.
„Жалам што опозицијата после жестоките критики кон Обединетото Кралство, сега го прави истото и против САД. Ќе ве потсетам, кога беа наметнати оние трговски тарифи од 35%, истите тие опозициски перјаници, кои јас ги нареков талог на општеството во политиката, поитаа да го навредуваат нашиот стратешки партнер. Никаде ги немаше да се извинат кога таа стапка се нивелираше на 15%“, рече Мицкоски.
Изјавата на премиерот доаѓа еден ден откако и министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, најави позитивен исход. Тој потврди дека македонските власти се во интензивна комуникација со Амбасадата на САД во Скопје, додека македонската амбасада во Вашингтон е во директен контакт со Стејт департментот.
