Премиерот Христијан Мицкоски учествуваше на Самитот за проширување на Европската унија што се одржува во Брисел, во организација на „Еуроњуз“. Во своето обраќање, Мицкоски говореше за долгиот европски пат на Македонија, кој, како што истакна, трае повеќе од 25 години.
„И по две децении сè уште сме на истата стартна линија, не затоа што не сме ги исполниле Копенхашките критериуми, туку и покрај бројните отстапки кои сме ги направиле – од промената на Уставот, уставното име, знамето, па сè до други чекори што ги презедовме“, напиша Мицкоски на својот профил на Фејсбук.
Тој нагласи дека убедувањето на Владата останува исто – местото на Македонија е во Европската унија. „Ќе продолжиме по тој пат, но пред сè мора да си ја завршиме домашната задача – да изградиме посилна економија, да овозможиме подобар животен стандард и реални перспективи за нашите граѓани“, порача премиерот.