Премиерот Христијан Мицкоски смета дека одлуката за формирање на собраниска анкетна комисија за истражување на случувањата во кочанската дискотека „Пулс“ треба да биде оставена на пратениците.
„Што се однесува до поддршката за анкетна комисија, тоа прашање мислам дека добро е да им го поставите на пратениците. Ваквиот тип на соочување со јавноста ќе биде многу скоро, кога ќе почне процесот во суд. Тогаш ќе може и јавноста, и медиумите, и граѓаните да видат што се случувало“, рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање дали пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи барањето на роднините на загинатите.
Одговарајќи на прашање за евентуална еднократна парична поддршка за семејствата на загинатите, по примерот на семејствата на жртвите во модуларната болница во Тетово за време на Ковид-пандемијата, премиерот истакна дека Владата ќе продолжи да им помага.
„Ги слушнав двете барања. Апсолутно немам никаква дилема дека ние како Влада правевме, правиме и ќе правиме се што е потребно за да се помогне во тој случај, да се ублажи неизмерната болка“, додаде Мицкоски по поставувањето на камен темелник за изградба на детска градинка.