Денеска премиерот Христијан Мицкоски во изјава за меидуми вели дека владините коалиционери се договориле до крајот на оваа недела да се дефинираат кадровските решенија по излегувањето на Арбен Таравари од Алијанса за Албанците од Владата и од коалицијата „Вреди“ и дека предлогот за нов министер за здравство ќе биде доставен до Собранието следната недела.
„Тоа портфолио останува во рамките на коалицијата ‘Вреди’. Очекувам во текот на следната недела да имаме предлог. Ние вчера, по владината седница, имавме коалициска координација. Разговараме за тоа што не очекува во периодот што е пред нас така што како краен рок крајот на оваа недела го дадовме за да ги дефинираме кадровските решенија и веќе да може во понеделник вторник јас да ги доставам до пратениците во Собранието“, рече премиерот Мицкоски.
Иако кажа дека позицијата министер за здравство останува во Вреди, премиерот Мицкоски нагласи дека како претседател на Владата има право да каже не за евентуален предлог на личност со која не би можел да соработува.