Мицкоски: Следењето и прислушувањето се присутни уште од 90-тите години, со ваквите постапки се загрозуваат темелите на демократијата и уставниот поредок

Не се работи само за декласификација на документите, туку за тоа како да се спречат злоупотреби и да се обезбеди тие повеќе да не се повторуваат. Само со одговорност може да се постигне ова, порача премиерот Христијан Мицкоски во своето обраќање на свеченоста по повод Денот на независноста.

Тој оценува дека повиците за декласификација на документите се знак на страв и паника кај оние што ги упатуваат и служат како изговор за одвлекување на вниманието на јавноста.

Следењето и прислушувањето се присутни уште од 90-тите години. Иста структура, речиси исти луѓе блиски до минатата власт, продолжуваат да функционираат во системот. Со ваквите постапки се загрозуваат темелите на демократијата и уставниот поредок, а последиците од таквиот искривен систем не само што уништуваат човечки судбини, туку ја ставаат во опасност целата држава, објасни Мицкоски. Тој додаде дека често се измислуваат ситуации, контакти и факти кои не постојат, за да се создадат лажни сознанија.

Премиерот потврди дека сите материјали и информации за незаконското следење се предадени на Обвинителството и дека ќе го следи случајот одблиску.

Сите документи од безбедносните агенции се доставени до обвинителството. Ги знаеме нивните ограничувања, но оваа работа нема да се стави под тепих. Ова е прашање на опстојување на државата, и во периодот што следи ќе се расчисти овој гордиев јазол, порача Мицкоски.

Читај и ова:

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.