Со почетокот на новата учебна година, премиерот Христијан Мицкоски упати порака до првоодделенчињата и сите ученици во основните и средните училишта, посакувајќи им успех, нови знаења и пријателства.
Мицкоски им посака на најмладите ученици успешни училишни денови, дружење и стекнување нови пријателства, нагласувајќи дека за нив започнува нова животна фаза исполнета и со предизвици.
„Мислам дека сега отпочнуваат една нова фаза од своите животи којашто, се разбира, ќе има многу предизвици“, рече премиерот.
Тој посочи дека младите треба да бидат подготвени да се соочат со реалните предизвици и да не создаваат слика за животот исклучиво преку содржините што ги гледаат на социјалните мрежи.
„За жал, животот не е она што најчесто се гледа по социјалните медиуми – „Инстаграм“, „ТикТок“ и слично, туку напротив, животот има многу предизвици“, истакна Мицкоски.
Премиерот додаде дека предизвиците ќе треба да се надминуваат самостојно, но и со поддршка од родителите, наставниците и другарите.
На сите ученици во основните и средните училишта низ државата Мицкоски им посака успешна учебна година, со стекнување нови знаења кои понатаму ќе можат да ги применат преку работа и пракса во сопствената татковина.
„Еве една нова страница во нивните животи, а на сите ученици во основните и средните училишта низ државата им посакувам успешна учебна година, да стекнат нови знаења и тие знаења понатаму низ пракса и низ работа да ги применат во сопствената татковина Македонија“, порача премиерот.