Премиерот Христијан Мицкоски остро одговори на најновите критики и навреди од официјална Софија, споредувајќи го однесувањето на Бугарија кон Македонија со агресивниот пристап на Русија кон Украина.
„Не очекувам од нашиот источен сосед и од оваа Влада да испрати поинаква порака. Сега тие мора пред нашите европартнери и партнери во НАТО да испратат сигнал дека сме ние проблемот, но суштината е сосема поинаква – Европа виде која е вистинската цел на бугарските политичари“, изјави Мицкоски.
Според него, Бугарија со својата политика спроведува обид за асимилација на македонскиот народ, што тој го спореди со руската стратегија во Украина:
„Целта не се разликува од онаа што ја има руското раководство – идентитетски инженеринг и поткопување на националниот интегритет“, истакна премиерот.
Оваа реторика дополнително ги заострува веќе комплицираните односи меѓу двете земји, особено во контекст на евроинтеграциите и спроведувањето на билатералниот договор.
И додека официјална Софија инсистира на своите барања, Скопје повторува дека идентитетот не е предмет на преговори и дека поддршката за европската иднина не може да се условува со национално понижување.