Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на вечерната прес-конференција по првиот круг од локалните избори изјави дека Македонија избрала промени и вредности, а не само партија.
„Ви ветивме победа – и имаме победа. Ова е триумф на народот, на верниот народ. Вечерва Македонија не избра партија, туку насока. Избра вредности и луѓе што веруваат во работа, а не во празни зборови“, рече Мицкоски.
Тој истакна дека убедливата победа на ВМРО-ДПМНЕ не претставува крај, туку почеток на нова етапа во политиката и во општеството.
„Ова е само почеток на новата македонска енергија – мирна, одлучна и праведна. Во изминатите недели покажавме дека политиката може да има поинакво лице – без омраза, без навреди, со достоинство и со дела, наместо со ветувања“, нагласи Мицкоски.
Тој додаде дека граѓаните ја препознале искреноста и работата, и со својата поддршка потврдиле дека веруваат во промените.
„Граѓаните не гласаа за нас, туку за себе, за своите семејства и за својата иднина. Секој глас што беше даден е глас за надежта дека може подобро, дека чесноста вреди и дека трудот носи резултати“, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски порача дека довербата што им ја дале граѓаните е голема обврска, која, како што рече, почнува веднаш.
„Довербата не е награда, туку задача која почнува утре наутро – со секоја улица, училиште, болница и фабрика што ќе ја изградиме, со секој човек кој верува дека овде има смисла да се живее и да се сонува“, додаде тој.
Притоа, Мицкоски порача дека оваа победа е резултат на посветеност и работа.
„Оваа победа ја градевме чекор по чекор, заедно со народот“, рече Мицкоски.