Македонија

Мицкоски за условите на ДУИ за коалицирање: „Тоа е несреќна изјава на Бектеши во емисија на ТВ21“

НОВИНАР: Од ДУИ велат дека ќе коалицираат со вас, само доколку исполните некои услови, кои се битни за нив, инаку нема да коалицираат со ВМРО-ДПМНЕ, иако можеби вие би биле новиот мандатар.

„Вие претпоставувам реферирате на онаа помалку би рекол несреќна изјава на министерот за екононија која што беше дадена на едно интервју на ТВ21 пред некој ден. Мислам дека е погрешно протолкувана“, изјави Христијан Мицкоски – претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Несреќна и погрешно интерпретирана. На ваков начин одговори лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на прашањето на ТВ21 дали би направиле коалиција со ДУИ и покрај тоа што оваа партија има одредени услови за нив. Како што изјави пред неколку дена Крешник Бектеши во емисијата „Клик Плус“, ДУИ ќе коалицира со секоја партија која ќе победи, но доколку тоа биде ВМРО-ДПМНЕ тогаш ќе мора да им докажат дека се искрени во изјавите кога велат се за членство во ЕУ.

Мицкоски вели дека комуницираат со сите партии, па така и со ДУИ. Додава дека во неговите комуникации, од оваа партија не поставиле досега никакви услови.

„На нивото на кое што ние комуницираме, таков тип на комуникација не постои“, додаде Мицкоски.

Од друга страна, Крешник Бектеши од ДУИ, пред неколку дена во дебатниот магазин Клик Плус, порача дека би влегле во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ доколку таа покаже искрен интерес за членство на Северна Македонија во ЕУ.

„ДУИ ќе коалицира со секоја партија која ќе победи, но под еден услов, доколку станува збор за ВМРО-ДПМНЕ таа ќе треба да и докаже на ДУИ дека навистина е заинтересирана РСМ да биде дел од ЕУ и да ги започне преговорите со ЕУ“, изјави Крешник Бектеши од ДУИ.

Во овој дебатен магазин од страна на соговорниците беше посочено дека албанските партии се подготвени да коалицираат со македонските партии по изборите, но сите имаат свои услови. Бектеши порача дека нема да коалицира со ниту една албанска партија, а Алијанса и Беса покажаа интерес за заеднички настап. Лидерите на политичките партии на средбата во Вила Водно кај претседателот Пендаровски се договорија предвремените парламентарни избори да се одржат на 12 април следната година. Ова доаѓа како резултат на недобивањето на датум за старт на преговорите со ЕУ.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни