Младите во Европската Унија во просек го напуштаат домот на своите родители на возраст од 26,2 години, покажуваат најновите податоци на Евростат објавени во септември 2024 година. Ова претставува мало намалување во споредба со 2023 година, кога просечната возраст изнесувала 26,3 години.
Генерално, младите во северните европски земји порано започнуваат самостоен живот, додека во јужните држави и на Балканот остануваат подолго во семејниот дом. Најрано се осамостојуваат младите во Финска – во просек на 21,4 години, а по нив следат Данска (21,7) и Шведска (21,9). Најдолго во родителскиот дом остануваат младите во Хрватска – во просек до 31,1 години, Словачка (30,9), Грција (30,7), Италија (30,1) и Шпанија (30,0).
Последните достапни податоци за Македонија се од 2023 година. Според анализата на порталот „Ландгеист“, базирана на податоци од Евростат, македонските млади остануваат да живеат со своите родители до просечна возраст од 32,1 година, додека во Црна Гора овој просек е највисок во Европа – 33,3 години.
Податоците покажуваат дека од 2002 година просечната возраст на осамостојување во ЕУ се движела меѓу најниски 26,1 година во 2019 година и највисоки 26,8 години во 2006 година.
Според анализата, во јужна Европа и на Балканот повеќе од половина од младите на возраст од 20 до 25 години живеат со своите родители, додека во северна Европа овој процент е под 20, па дури и под 10 проценти.
Во контекст на трошоците за домување, младите се нешто повеќе погодени од општата популација. Во 2024 година, 9,7% од младите на возраст од 15–29 години во ЕУ живееле во домаќинства кои трошеле 40% или повеќе од својот приход за домување, додека истиот процент за вкупното население изнесувал 8,2%.
Највисоки стапки на „преоптовареност со трошоци за домување“ се забележани во Грција (30,3%) и Данска (28,9%), а најниски во Хрватска (2,1%), Кипар (2,8%) и Словенија (3,0%). Во 16 земји на ЕУ, оваа стапка е повисока кај младите отколку кај вкупното население. Најголемата разлика е регистрирана во Данска – 14,3 процентни поени, по што следува Холандија со 8,4 процентни поени.
Читај и ова:
- 1.ВМРО-ДПМНЕ: Криминалот кој траел со години на компанијата Марковски, сега е на пат да биде амнестиран благодарение на поединци од судството на Заев и Филипче
- 2.Повеќе од 4.000 федерални службеници во САД добија известувања за отпуштање
- 3.Лукашенко: Нобеловиот комитет донесе кратковида одлука
- 4.Најголемиот транспортен проект во историјата на Европа: Ќе ги поврзе сите поголеми градови
- 5.Нови правила за влез и излез од Европската Унија од утре