Шведскиот кардинал Андерс Арборелиус, кој се смета за еден од фаворитите на претстојната конклава, во вторникот изјави дека не верува дека ќе биде избран за папа.
„Би било интересно да има шведски папа, но мислам дека тоа е малку веројатно, навистина многу малку“, изјави Арборелиус за јавниот канал SVT.
Арборелиус (75), првиот шведски католички бискуп по протестантската реформација пред повеќе од 500 години, беше прогласен за кардинал во 2017 година. Прејде во католицизмот на 20-годишна возраст, во земја со доминантно протестантско население и едно од најсекуларизираните општества во светот.
Католичката црква во Шведска брои околу 150.000 верници. Истата година кога стана кардинал, магазинот „Фокус“ го прогласи Арборелиус за Швеѓанец на годината.
Една од најсекуларизираните држави во светот
За малата католичка црква во Шведска, во една од најсекуларизираните земји во светот, неговото прогласување за Швеѓанец на годината беше големо признание. Самиот кардинал Арборелиус во интервју за Радио Ватикан изјави дека луѓето понекогаш го прашуваат дали е вистински Швеѓанец, бидејќи мислат дека е невозможно да се биде католик, свештеник, бискуп и кардинал – и сето тоа во Шведска.
Андерс Арборелиус потврди дека ќе учествува на конклавата на која 135 кардинали-избирачи ќе го изберат наследникот на папата Франциск. Швеѓанецот неодамна го замолил папата да го ослободи од кардиналските должности бидејќи сака да се повлече во манастир во Сконе, јужна Шведска.
„Малку сум оставен во неизвесност“
Папата се согласил, но не определил точен датум за завршување на неговата служба.
„Значи, малку сум оставен во неизвесност“, рече Арборелиус.
Тој е ревносен бранител на црковната доктрина и особено се противи на ракополагањето жени и давањето благослови за истополови парови.
Сепак, како и папата Франциск, се залага за прифаќање на мигранти во Европа, без разлика дали се христијани, католици или потенцијални обраќеници.