МНР Бугарија: Нападната е Амбасадата во Скопје

Министерството за надворешни работи на Бугарија излезе со остра реакција и најостра осуда откако денеска (11 јануари) непознато лице извршило напад врз објектот на бугарската амбасада во Скопје.

Официјална Софија го оцени чинот како недопустлив напад врз дипломатска мисија и грубо кршење на Виенската конвенција, директно обвинувајќи ги македонските институции за создавање клима на неказнивост.

Се вчитува...

„Ова е резултат на системска пасивност“

Во соопштението, бугарското МНР не штеди критики кон македонските власти, поврзувајќи го денешниот инцидент со претходни случувања.

„Министерството изразува длабока загриженост што ваквото дрско дело е резултат на системскиот недостиг на реакција од надлежните институции на Република Северна Македонија при претходни напади и вандалски чинови врз објекти поврзани со Бугарија“, се вели во реакцијата.

Тие додаваат дека институционалната пасивност и толерирањето на „говорот на омраза“ создале средина во која ваквите криминални дејствија се охрабруваат и ескалираат.

Бугарија испорача јасни барања до властите во Скопје:

  1. Итно пронаоѓање на сторителот и негово кривично гонење.
  2. Гарантирање на безбедноста на бугарските дипломатски претставништва и нивниот персонал.

„Очекуваме институциите во Северна Македонија јасно и недвосмислено да се оградат од манифестациите на омраза и да работат на создавање коренито поинаков јавен наратив за односите со Бугарија“, порачуваат од бугарското МНР.

На крајот, Софија предупредува дека внимателно го следи случајот и „го задржува правото да преземе дополнителни дејствија“ за заштита на своите интереси.