Министерството за надворешни работи и надворешна трговија реагираше на изјавите на бугарски официјални претставници поврзани со случајот со Ива Михајлова, оценувајќи ги како навредливи, провокативни и како мешање во внатрешните работи на државата.
Од Министерството информираат дека денеска бил повикан претставник на Амбасадата на Бугарија во Скопје, кој во отсуство на амбасадорот ја извршува функцијата вршител на работи.
На средбата било изразено незадоволство од неодамнешната изјава на бугарскиот министер за внатрешни работи, Иван Демерџиев, во врска со случајот со Ива Михајлова, која македонското МНР ја оценило како навредлива и провокативна.
Реакција била упатена и за изјавата на бугарскиот амбасадор Желјазко Радуков за телевизијата БТВ. Според македонското Министерство, изнесените квалификации во однос на работата на надлежните институции претставуваат директно мешање во внатрешните работи на државата.
Од МНР било посочено дека ваквите изјави го оддалечуваат билатералниот дијалог од принципите врз кои треба да се градат добрососедските односи – меѓусебно почитување, воздржаност и конструктивна комуникација.
Воедно, на средбата било укажано дека ваквото однесување може да наметне потреба од соодветна институционална реакција согласно Виенската конвенција за дипломатски односи, која ги уредува правилата на дипломатското дејствување и принципот на немешање во внатрешните работи на државата домаќин.
Од Министерството нагласуваат дека земјата останува посветена на развојот на добрососедските односи со Бугарија, засновани на доверба, меѓусебно почитување и европски принципи, но очекува ист пристап и од бугарската страна.