Македонија

МНР со осуда за вчерашните инциденти!

МНР со осуда за вчерашните инциденти!

Министерството за надворешни работи ги осудува вчерашните инциденти во Скопје, пред, за време и по натпреварот Шкупи – Левски. Насилството е неприфатливо во ниту еден случај, особено не кога тоа резултира со тешки повреди. Органите за безбедност ја имаат сета поддршка во спроведувањето на јавниот ред и мир.

Повредениот бугарски државјанин е третиран професионално и со соодветна грижа; во моментов тој се наоѓа во стабилна, но тешка состојба, и по хируршкиот третман закрепнува во болница во Скопје. Претставници на бугарската амбасада се во постојан контакт со повредениот бугарски државјанин и неговите роднини, како и со локалните здравствени власти.

Надлежните органи на Република Северна Македонија веќе ги презедоа и ќе продолжат да ги преземаат неопходните мерки за ефективна истрага и гонење во врска со настанатите инциденти.

Како што и порано во неколку наврати имаме посочено, Република Северна Македонија е слободна земја и добредојдени се сите оние кои сакаат да ја посетат земјава; привилегија која не подразбира дека е прифатливо од овде да се искажуваат навреди, особено не тези кои подразбираат територијални претензии и/или негирање и навреди по основ на етнички, религиски или други идентитетски основи.

Како и порано, прекршувањето на овие правила ќе биде соодветно адресирано од страна на надлежните институции, а на ваквите поединци ќе им биде ограничена привилегијата за присуство во земјава.

Република Северна Македонија и Република Бугарија се добри соседи кои политичките разлики ги надминуваат со дипломатски средства, негувајќи ја културата на добрососедски дијалог.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што се случува со „Алта банка“? Ноќно студио со Кирил Миноски

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни