Модел и поранешен ракометар бил македонецот кој загина во експлозијата во Белград

Македонскиот државјанин, 21-годишниот Мартин Сипковски, модел по професија, загина минатата недела во експлозија на улицата „Косовска“ во центарот на Белград, објави порталот Курир.рс.

Според досегашната истрага, 26-годишниот Филип В. бил испрашуван во Вишото јавно обвинителство во Белград за нелегално набавување и пренесување на експлозивот „пентрит“, кој истиот ден го предал на Сипковски на аголот од улиците „Косовска“ и „Нушиќева“. Следниот ден, 1-ви октомври, околу 21:45 часот, експлозивната направа се активирала, при што Сипковски загинал на самото место.

По обдукцијата, беше потврдено дека починатиот е Мартин Сипковски, кој немал криминално досие. Изворите наведуваат дека Сипковски бил успешен модел и првиот Македонец кој потпишал договор со престижната турска агенција „Daman“ во Истанбул. Тој бил и поранешен ракометар на скопски Вардар и студент на Факултетот за бизнис и менаџмент во Скопје.

Според извори, експлозивната направа наводно била подготвена за ликвидација на лице со криминално досие, но несреќно ја активирал Сипковски. Истрагата што ја води Вишото јавно обвинителство во Белград продолжува и ќе ги утврди сите околности околу експлозијата.

Читај и ова:

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.