Лидерот на Движењето Беса, Билал Касами, се огласи по бурните реакции во јавноста откако на лидерската средба се појави со луксузен автомобил „БМВ 7“. Во гостувањето на ТВ21, тој упати извинување до граѓаните доколку сликата со скапиот автомобил предизвикала негативни чувства.
„Немам личен автомобил“
Касами појасни дека скапото возило не е во негова сопственост, туку е отстапено на користење.
„Автомобилот со кој дојдов на лидерската средба е на мојот братучед“, истакна Касами, додавајќи дека возилото го користи и партијата.
Тој изненади со изјавата дека лично не поседува возило, па дури и за општинските потреби се потпира на партиски ресурси.
„Јас лично возам автомобил што припаѓа на моите родители и немам личен автомобил. Дури и во општината го користиме автомобилот на партијата, односно на Движењето Беса“, рече тој.
Касами додаде дека и претходно бил гледан во скапи автомобили на владини или лидерски состаноци и дека нема комплекс во врска со тоа.
