Македонија

МОН ќе додели по 60.000 денари на 45 училишта за превенција од насилство и зависности

МОН ќе додели по 60.000 денари на 45 училишта за превенција од насилство и зависности

Вкупно 45 училишта во државата ќе добијат финансиска поддршка од Министерството за образование и наука за реализација на активности насочени кон заштита на учениците и превенција од различни ризични однесувања.

Станува збор за 30 основни и 15 средни училишта, на кои МОН ќе им додели по 60.000 денари за реализација на активности во учебната 2026/2027 година.

Средствата ќе се користат за програми за заштита од насилство, злоупотреба и запуштање ученици, спречување дискриминација, како и за превенција од употреба на алкохол и пушење, учество во игри на среќа, злоупотреба на дроги и други психотропни супстанции и малолетничка деликвенција.

МОН ги објави јавните повици за основните и средните училишта, а заинтересираните училишта треба да аплицираат најдоцна до 15 декември 2026 година преку електронска пријава на порталот за е-услуги на Министерството.

Пристигнатите апликации ќе бидат разгледани и рангирани според утврдените критериуми од страна на комисија за вреднување, формирана од министерката за образование и наука.

Списокот на основните и средните училишта кои ќе добијат финансиска поддршка ќе биде објавен на веб-страницата на МОН во рок од 30 дена од завршувањето на јавните повици.

Во јавните повици се наведени условите и начинот на аплицирање, како и насоките за реализација на програмите. Предвидените цели на активностите треба да бидат конкретни, мерливи, остварливи, реални и временски ограничени.

Училиштата на кои ќе им бидат одобрени средствата ќе имаат обврска до МОН да достават извештај за нивното наменско искористување. Извештајот треба да се достави во рок од 30 дена од завршувањето на активностите предвидени со програмите.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Стефанија Кузмановска и Тодор Конески 10.06.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни