Вишиот јавен обвинител од Битола, П.В., осомничен за примање награда за противзаконито влијание, ќе се брани од слобода, но со определени мерки за претпазливост. Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје го прифатил предлогот на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
На П.В. му е одземена патната исправа и му е изречена забрана за преземање определени работни активности.
Од Кривичниот суд информираат дека одлуката е донесена по неговото сослушување во присуство на бранителот, како и по разгледување на фактите и доказите доставени со предлогот на Обвинителството.
П.В. се сомничи за кривичното дело „Примање награда за противзаконито влијание“ од член 359 став 3 во врска со став 2 од Кривичниот законик.
Од Судот појаснуваат дека не можеле да определат построга мерка од онаа што ја предложил јавниот обвинител.
Според Обвинителството, преку повеќе дејствија и примена на посебни истражни мерки биле обезбедени докази кои упатуваат на основано сомнение дека П.В. ја искористил својата службена положба и реалното влијание за недозволено да влијае врз одлучувањето на колеги јавни обвинители и судии во најмалку четири одделни предмети на подрачјето каде што ја вршел функцијата.
Претходно, МВР соопшти дека Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал поднел кривична пријава до ОЈО ГОКК против П.В. (61) од Прилеп поради сомнение за истото кривично дело.
Од МВР тогаш информираа дека П.В., во својство на виш јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство во Битола, во повеќе наврати влијаел врз донесувањето одлуки од страна на други јавни обвинители, со цел за сторителите да бидат изречени поблаги казни.
Во рамки на истрагата бил извршен претрес во неговиот дом во Прилеп, како и во службените простории што ги користи. При претресите биле пронајдени и одземени шест мобилни телефони, едно УСБ и еден персонален компјутер.
Против решението на судијата странките имаат право на жалба до Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје.