СДСМ од утре се враќа во работата на Собранието откако од понеделникот ја замрзнаа својата активност со бојкотот на координацијата кај претседателот на Собранието Талат Џафери, а потоа се откажаа и сите седници. Пратеникот на СДСМ Костадин Костадинов вели дека се разговара за надминување на состојбата, но додаде и дека досега немало средба меѓу партиските лидери Зоран Заев и Али Ахмети за меѓукоалициските кавги. Тој истовремено рече и дека до Џафери доставиле прашање зошто не се гласаше за одземање на имунитетот на Трајко Вељаноски.
– Ние упативме прашање зошто во рамки на времето во кое што требаше да заврши седницата за одземањето на имунитетот на Трајко Вељановски согласно деловникот член 60 знаеме дека претседателот менаџира и организира со седниците и само тој може да ги даде конкретните одговори – изјави Костадинов.
Артан Груби од ДУИ пак вели дека според него не се случило ништо и дека коалицијата функционира нормално и дури најави дека оваа недела е можно со СДСМ да дојдат до став за претседателските избори.
-Според нас нема ситуација. Нема ништо. Тоа е минато свршено време коалицијата си функционира најнормално што се однесува со ДУИ се е во најдобар можен тек и се надеваме дека и опозицијата ќе се врати со својата поддршка за двотретинските закони за да продолжиме по успешниот пат што го трасира оваа Влада и ова мнозинство.-вели Груби.
Пратениците на СДСМ и ДУИ во неделата влегоа во жестока кавга откако собранискиот спикер Џафери не го стави на гласање одземањето на имунитетот на Вељановски, а расправиите продолжија и вчера со меѓусебни обвинувања кој е виновен за тоа.
РЕПОРТЕРКА: СВЕТЛАНА УНКОВСКА