Македонија

Муртезани: Уставни измени ќе има само со гаранции за успешно завршување на евроинтеграциите

Муртезани: Уставни измени ќе има само со гаранции за успешно завршување на евроинтеграциите

Министерот за европски прашања и главен преговарач со Европската Унија, Орхан Муртезани, денеска изјави дека Владата работи сериозно на надминување на проблемот со европските интеграции. Според него, уставните измени ќе бидат спроведени само кога ќе има целосна сигурност дека нема да се соочиме со потенцијално вето од Бугарија и дека ќе биде гарантиран завршетокот на процесот.

„Никогаш не сум изјавил дека ќе излеземе од Владата ако нема уставни измени до крајот на годината. Кога ја формиравме Владата, не го направивме тоа со една нога надвор, а со една внатре, ниту со уцени за напуштање на Владата“, рече Муртезани, одговарајќи на прашање за време на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања.

Муртезани нагласи дека ставовите за наводно блокирање на европскиот пат од новата Влада не се точни. „Тоа е како да сте ги отвориле сите поглавја, а ние да го саботираме процесот, што не е вистина. Разликата е во пристапот – ние не користиме ПР, туку се фокусираме на наоѓање вистинско решение“, додаде тој.

Министерот истакна дека напорите на Владата за надминување на предизвиците се потврдени од европските и американските претставници кои ја посетиле земјава.

„Работиме сериозно и не декларативно. Важно е да постигнеме решение кое ќе обезбеди сигурност дека нема да има вето од Бугарија. Кога тоа ќе биде гарантирано, уставните измени ќе дојдат пред вас во Собранието како техничко прашање, со цел да осигураме 80 гласови“, потенцира Муртезани.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни