Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, и неговиот белгиски колега, Максим Прево, го започнаа денот со заедничко утринско трчање низ главниот град. Оваа неформална активност беше искористена како можност за продлабочување на пријателските односи меѓу двете земји.
Според објавата на министерот Муцунски на социјалните мрежи, двајцата дипломати претрчале патека од шест километри. Муцунски истакна дека ова било одлична прилика во опуштена атмосфера на белгиската делегација да и се претстават препознатливите обележја и енергијата на Скопје.
Оваа спортска активност следува по официјалната средба во Министерството за надворешни работи, каде што главна тема беа евроинтеграциите на Македонија. Муцунски на заедничката прес-конференција со Прево порача дека земјата останува посветена на исполнување на копенхашките критериуми.
Тој исто така потенцираше дека паралелно со реформите во земјите кандидати, неопходно е и Европската унија да спроведе внатрешни реформи за да биде подготвена за прием на нови членки.
