Македонија

Муцунски од Софија: Блокадата на патот кон ЕУ е непринципиелна и штетна за двете земји

Муцунски од Софија: Блокадата на патот кон ЕУ е непринципиелна и штетна за двете земји

Македонија треба да биде дел од Европската унија без дополнителни политички пречки кои не се поврзани со реформскиот процес, порача министерот за надворешни работи.

Тимчо Муцунски, за време на посетата на Софија, истакна дека земјата се соочува со, како што рече, „непринципиелна и неточна блокада“ на евроинтегративниот пат.

Тој порача дека Македонија сака отворено да им укаже на своите бугарски партнери дека моменталната состојба носи штета за двете држави – и политички и економски, но и директно за нивните граѓани.

„Најлесниот начин да се оди напред е Бугарија да ги отвори вратите за започнување на пристапните преговори. Прашањата поврзани со историјата, идентитетот и јазикот не се теми за кои оваа влада е подготвена да преговара“, изјави Муцунски.

Во текот на денот, тој учествуваше и на средба во Софија заедно со претседателката на државата.

Гордана Сиљановска-Давкова се сретна со бугарската страна, меѓу која беше и потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова.

Муцунски оцени дека меѓу двете земји постои високо ниво на недоверба, создадено од долготрајни политички и историски спорови, но нагласи дека Македонија останува посветена на градење попозитивна атмосфера и дијалог.

„Наместо да се фокусираме на прашања од историјата, идентитетот и јазикот, треба да се насочиме кон заедничката иднина во рамките на Европската унија“, додаде тој.

Тој исто така подвлече дека проширувањето на Европската Унија повеќе не е само технички процес, туку стратешка инвестиција во стабилноста и безбедноста на целиот континент.

Според него, Македонија останува земја која целосно ги усогласува своите политики со европските стандарди и заедничката надворешна и безбедносна политика.

Изјавите беа дадени во рамки на состанокот на министрите за надворешни работи на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, кој оваа година одбележува 30 години од своето основање.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни