Министерството за внатрешни работи го идентификува и санкционира возачот кој со патничко возило се движел со неверојатни 293 километри на час на автопатот Скопје–Гевгелија, а видеото од опасното возење го објавил на социјалните мрежи.
Според информациите од МВР, Секторот за сообраќајни работи и Мобилната единица за безбедност на патниот сообраќај веднаш презеле оперативни мерки по објавената снимка, на која се гледа возење со речиси тројно поголема брзина од дозволената. На делницата во близина на Неготино максимално дозволената брзина е 120 км/ч.
По изведените активности, возачот бил идентификуван, лоциран и повикан. Станува збор за А.Д. (36) од селото Елово, скопско, кој е санкциониран согласно законските прописи.
МВР преку соопштение упати апел до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите, со цел зачувување на безбедноста и спречување на опасни ситуации кои можат да го загрозат животот на граѓаните.
