Како чекор кон зголемување на транспарентноста и безбедноста на новинарите, Министерството за внатрешни работи (МВР) постави линк до регистарот на напади врз новинари на својата насловна веб-страница, кој води директно до базата на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ). Истовремено, од МВР најавуваат дека е во тек и формирање на Национален комитет за заштита на новинари, кој ќе изготви и Национален акциски план.
Од МВР истакнуваат дека слободата на медиумите е столб на демократијата и дека безбедноста на новинарите е еден од нивните врвни приоритети. Поставениот линк до регистарот на ЗНМ, кој содржи детали за видот на нападите, локацијата и статусот на постапките, е дел од блиската соработка меѓу двете институции.
Како досегашни успешни мерки, од Министерството ги посочуваат и воспоставената контакт-точка, која придонела за поефикасно расчистување на случаите, како и примената на ажурираниот Прирачник за безбедност на новинарите, изработен во соработка со ЗНМ и Јавното обвинителство.
Клучен чекор напред, според најавите, ќе биде формирањето на меѓуресорскиот Национален комитет за заштита на новинари, составен од владини институции и невладини организации. Овој процес се спроведува во рамки на кампањата на Советот на Европа „Safety of Journalists“.
„Координацијата помеѓу полицијата, обвинителството и новинарските организации е на високо ниво и тоа многу придонесува за брзо и ефикасно решавање на случаите. Водејќи се од мотото ‘Секогаш може подобро’, во блиска иднина ќе ја зголемиме и подобриме веќе постоечката висока меѓусебна соработка“, информираат од МВР.
Министерството, исто така, апелира до сите новинари веднаш да ги пријават сите закани, напади или притисоци со кои се соочуваат, нагласувајќи ја својата обврска да ги санкционира сторителите.
Читај и ова:
- 1.Она што Германците го избегаваат, Балканците го купуваат: Половни автомобили би можеле да ги преплават патиштата поради една регулатива
- 2.Нуркачи влегоа во црква стара 460 години: Поплавена и покрај јавниот протест во 2016 година
- 3.Дневен хороскоп за 5 октомври 2025 година
- 4.Превртен камион на обиколницата кај Смиљковци
- 5.Први снимки од експлозијата на воз во Украина – Сè е разбиено, мрачни вести за бројот на повредени