На газдите им е забрането да ги малтретираат работниците после работа

Португалија им забрани на шефовите да испраќаат текстуални пораки и е-пошта до работниците надвор од работното време, како дел од новиот правен пакет популарно наречен „право на одмор“.

Одлуката е дел од законските измени донесени за балансирање на приватниот и професионалниот живот, особено во врска со фактот дека многу работници работат од дома, пишува SEEbiz.

Компаниите со повеќе од десет вработени може да се соочат со казна доколку контактираат со работници надвор од времето наведено во нивните договори за работа.

Донесени се и нови правила за далечинско работење на работниците со деца. Родителите можат да работат од дома без временско ограничување, без да бараат дозвола од нивните работодавци, додека нивните деца не наполнат осум години.

Компаниите исто така би можеле да бидат принудени да платат дел од трошоците за работа од дома, на пример за струја или интернет.

Бидејќи работниците може да доживеат чувство на изолација, од компаниите се очекува да организираат редовни физички состаноци.

Сепак, некои елементи од правниот пакет не беа прифатени во португалскиот парламент, вклучително и „правото на исклучување“ што ќе им овозможи на работниците да ги исклучуваат сите уреди по работното време.

Португалската министерка за труд и социјална заштита Ана Мендес Годињо на конференцијата во Лисабон рече дека работата на далечина менува многу работи и дека нејзиниот раст мора да се регулира.

Таа се надева дека подобрата заштита на работниците ќе привлече и многу странци да дојдат и да работат во Португалија, велејќи дека ја смета нејзината земја „едно од најдобрите места во светот за дигитални номади и далечински работници.