На Османи и Нухиу не им се дозволува средба со Морина; Османи: Нема шанси Морина да се екстрадира во Србија

Кривичниот суд – Скопје не дозволи вицепремиерот Бујар Османи и заменик-министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу да го посетат поранешниот член на ОНА, Томор Морина кој е во притвор во Скопје. ТВ21 дојде до документ кој ја образложува забраната на средбата. Во документот пишува:

„Согласно одредбите од Член 178 од Законот за кривична постапка, лица кои вршат функција заменик-претседател на Владата на Република Северна Македонија и заменик-министер за внатрешни работи, не се лица кои може да посетат притвореник“.

Вицепремиерот Бујар Османи во телефонски разговор за ТВ21 рече дека ја почитува судската одлука, но дека сепак пронашол начин да му се обрати на Морина и да му даде до знаење дека прават сѐ за да не биде екстрадиран во Србија.

„Најдов начин да му испратам порака на господинот Морина дека ги активиравме сите домашни механизми за да ја разјасниме ситуацијата и што поскоро да се донесе позитивна одлука за него и да се гарантира дека нема теоретски шанси да биде екстрадиран во Србија, како и дека она за што се ангажирам е да биде ослободен од притвор додека не завршат постапките во Министерството за правда и додека министерството не донесе одлука дека нема да биде екстрадиран“, рече Османи.

Коментирајќи ја вчерашната изјава на косовскиот амбасадор, Ѓерѓ Дедај дека екстрадицијата може да ги наруши односите Косово-Северна Македонија, Османи дециден дека испорачување нема да има, за што очекува одлуката да биде донесена уште в понеделник. Инаку, на 24-ти јули, македонската полиција го уапси поранешниот член на ОНА, Томор Морина, согласно потерницата од ИНТЕРПОЛ издадена по барање на Србија.  

РЕПОРТЕР: БЕСИР АРИФИ

Извор: ТВ21

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
  • Ознаки
  • 1
spot_img

Најважното