За погребот на папата Франциск се очекува во сабота наутро на плоштадот Свети Петар во Ватикан да присуствуваат над 200.000 луѓе, оцени Комитетот за јавен ред и безбедност на префектурата Рим на седницата со која претседаваше италијанскиот министер за внатрешни работи Матео Пјантедоси.
Во Рим се очекува да пристигнат најмалку сто странски делегации. Како што е најавено, повеќето странски делегации ќе пристигнат во Рим во сабота и ќе заминат во текот на денот, додека американскиот претседател Доналд Трамп се очекува да пристигне во Рим во петок.
Папата Франциск, роден како Хорхе Марио Бергољо во Буенос Аирес, Аргентина, беше првиот латиноамерикански папа. Тој почина на 21 април на 89-годишна возраст, а директорот на Управата за здравје и хигиена на Ватикан, Андреа Арканџели, објави дека папата починал поради мозочен удар и срцева слабост.
Како што соопшти Канцеларијата за литургиски настани во Ватикан, тој ќе биде погребан во сабота на 26 април, пренесува Танјуг.