Македонската православна црква и верниците утре го одбележуваат третиот Божиќен ден и големата крсна слава посветена на Светиот првомаченик и архиѓакон Стефан.
Свети Стефан кај нашиот народ се слави како една од поголемите крсни слави.
Најраспространет обичај е токму на Свети Стефан да се изнесе божиќната слама од дома, која поради верувањето во нејзината плодотворна моќ, прво внимателно се мети и собира, а потоа се остава во штала, економски објекти, овоштарници или меѓу пчелите, за да се поттикне родот или напредокот.
Традицијата вели дека сламата ја изнесуваат жените, тихо, за да не се слушне како си заминува Божиќ. Метлата со која е метена божиќната слама не се користи во текот на годината, туку се чува за здравје.
За оваа слава шеговито велат дека ја држат скртички, бидејќи гостите после Божиќната трпеза тешко можат многу да јадат и пијат.
Сепак, за оваа, како и за сите слави на територијата на Македонија, најважно е домаќинот на масата да ја постави славската погача, покрај иконата на светецот – Свети Стефан да гори славската свеќа и во домот да дојдат најблиските – роднини, кумови, блиски пријатели. Без нив, ништо од тоа нема смисла.
Кој бил Свети Стефан?
Свети Стефан бил Евреин и роднина на апостолот Павле. Тој бил првиот од седумте ѓакони што светите апостоли ги ракоположиле за да им помагаат на сиромашните во Ерусалим, поради што добил титула архиѓакон.
Со својата вера правел многу чуда меѓу луѓето, а на своите противници Евреите им се спротивставувал со мудрост и силата на Светиот Дух. Обвинет е дека хулил на Бога и на Мојсеј, и поради лажни сведоци бил осуден.
Светителот, осветлен од верата, им се обратил на луѓето и зборувал за многу добродетели што Бог им ги направил на народот Израилев, нарекувајќи ги предавници и Христови крвници.
Набргу потоа, го изнеле од градот и го каменувале. Меѓу мачителите бил и неговиот роднина Савле, подоцна апостолот Павле. Смртта на Стефан ја гледала и Пресветата Богородица со Свети Јован Богослов и усрдно се молела за овој страдалник на вистината и верата.
Свети Стефан е првиот христијанин што страдал за Господа и затоа се нарекува Првомаченик. Телото на Свети Стефан тајно го земал и погребал Еврејскиот кнез и христијанин Гамалил на својот имот.
Свети Стефан секогаш се слави на третиот Божиќен ден и е една од поголемите слави кај нашиот народ.
