„На црно“ во Швајцарија: Уапсен Македонец и четворица Косовци на градилиште во Сент Гален – им се заканува депортација

Кантоналната полиција на Сент Гален спроведе акција за сузбивање на нелегалната работа, при што се уапсени пет лица фатени како работат без потребните документи. Меѓу приведените градежници има четворица државјани на Косово и еден државјанин на Северна Македонија.

Акцијата е спроведена во понеделникот претпладне, во координација со Кантоналната канцеларија за економија и труд.

Инспекторите и полицијата извршиле контрола на градилиште во местото Унтертерцен, каде се реновирале осум станови во една станбена зграда. При проверката е утврдено дека сите пет работници немале ниту дозвола за престој, ниту работна дозвола за Швајцарија.

Последиците за работниците се строги и итни:

  • Канцеларијата за миграција донесе одлука за нивно протерување од Швајцарија.
  • Поднесено е барање до Државниот секретаријат за миграција за изрекување на забрана за влез во земјата.
  • Против петтемина мажи се поднесени и пријави до Јавното обвинителство.

Полицијата соопшти дека нема да бидат поштедени ниту работодавачите. Тие се пријавени за вработување на странци без дозвола, а властите дополнително проверуваат дали постојат прекршоки поврзани со плаќањето на социјалните придонеси и данокот на доход.