Ахмед ал-Ахмед, 43-годишен продавач на овошје со сириско потекло, стана национален херој во Австралија откако храбро интервенираше за време на смртоносната престрелка на плажата Бонди минатата недела. Додека се опоравува од тешки повреди во болница, илјадници граѓани му изразија поддршка преку донации кои надминаа 2,5 милиони долари, објави Unilad.
Во еден од најтешките настани во поновата австралиска историја, двајца вооружени напаѓачи отворија оган на преполната плажа Бонди во Сиднеј. Ахмед реагирал без двоумење, успеал да совлада и да разоружа еден од напаѓачите, а според оценките на јавноста и властите, со тоа спасил бројни животи. Во нападот загинале 15 лица, како и еден од напаѓачите, 50-годишниот Саџид Акрам. За време на интервенцијата, Ахмед бил застрелан двапати.
Снимката од неговиот храбар чин брзо се прошири на социјалните мрежи, по што беше покрената GoFundMe кампања во која беа собрани повеќе од 42.000 донации. Неговиот адвокат Сем Иса за Австралиската радиодифузна корпорација (ABC) изјави дека Ахмед бил подложен на многу сложена операција поради оштетување на нервите и дека трпи силни болки. Тој додаде дека Ахмед, татко на две деца, го очекува уште една долготрајна хируршка интервенција.
Ахмед ѝ се обрати и на јавноста од болничкиот кревет. Во видео објавено од турската телевизија TRT World, тој на арапски јазик им се заблагодари на сите за поддршката и побара молитви од својата мајка и од јавноста.
Во болница го посетија и највисоките австралиски државни функционери. Премиерот Ентони Албаниз му порача дека неговата храброст е инспирација, додека премиерот на Нов Јужен Велс, Крис Минс, изјави дека Ахмед ризикувал сопствен живот за да спаси многу други, оценувајќи го како „вистински херој“.
Во меѓувреме, полицијата подигна обвинение против преживеаниот осомничен, 24-годишниот Навид Акрам, кој се товари за 59 кривични дела, меѓу кои 15 убиства, извршување терористички чин, тешки телесни повреди со намера за убиство, како и за поставување експлозив и јавно истакнување симболи на забранета терористичка организација.
