Над 400 Македонци бараат спас од Блискиот Исток, се подготвува план за евакуација!

Повеќе од 400 македонски државјани кои се наоѓаат во кризните подрачја на Блискиот Исток веќе побарале информации за можностите за евакуација, соопшти денеска Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНРНТ). Од нив, околу 30 лица изразиле подготвеност веднаш да ја напуштат областа во првата можна прилика.

Подготовки за извлекување и координација со странски држави

Министерството информира дека преку своите дипломатско-конзуларни претставништва е во постојана комуникација со сите пријавени граѓани. Во моментов течат сериозни подготвителни активности за нивна безбедна евакуација, чија реализација ќе зависи исклучиво од развојот на безбедносната состојба на теренот.

Се вчитува...

За успешно спроведување на овој сложен процес, македонските власти се во постојана координација со пријателски земји и меѓународни партнери.

Различни услови во зависност од државата

Состојбата не е иста во сите земји од регионот, па МНРНТ излезе со конкретни детали:

  • ОАЕ и Катар: За македонските државјани кои се наоѓаат во Обединетите Арапски Емирати и во Државата Катар, во овој момент не постојат безбедни услови за спроведување на евакуација.
  • Израел: За граѓаните кои се затекнати во Израел, активно се разгледуваат и координираат потенцијални алтернативни рути за нивно безбедно извлекување.

СОС контакти и апел за почитување на мерките

Министерството повторно апелира, до сите наши државјани доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните безбедносни органи во земјите каде што престојуваат.

За сите дополнителни информации и помош, граѓаните можат да се обратат на следниве дежурни телефони:

  • СОС дежурен телефон на МНРНТ (Скопје): 075/273-732
  • Амбасада на РСМ во Тел Авив (Израел): +972 54 500 8566 / +972 54 967 0546
  • Амбасада на РСМ во Доха (Катар): +974 50 173 111
  • Амбасада на РСМ во Абу Даби (ОАЕ): +971 56 441 7532