Над 45.000 студенти ја искористија владината поддршка за електронски уреди

Премиерот Христијан Мицкоски денеска истакна дека над 45.000 ваучери во висина од 15.300 денари се подигнати за студентите на додипломски студии, со што се обезбедува набавка на електронски уреди како лаптопи, таблети или персонални компјутери. Според него, искористеноста на ваучерите достигнала околу 99 проценти.

Студентите до 29 години кои имаат запишан семестар во учебната 2025/2026 година на државни или приватни факултети можеле да аплицираат за ваучерот од 250 евра од ноември до декември минатата година.

„Отприлика 45.000 – 45.600 ваучери се подигнати, а околу 44.500 се искористени. Како Влада во изминативе 20 месеци ги регулиравме сите односи со структурите на општеството на кои Владата треба да им излезе во пресрет – покачени стипендии, реновирање на студентските и ученичките домови, како и обезбедување на електронски уреди. Дали тоа е доволно? Можеби треба повеќе, но тоа е максимумот што можеме во моментот“, рече Мицкоски по пуштањето во употреба на реконструираната гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово.

Премиерот нагласи дека комуникацијата на Владата со сите целни групи е на високо ниво и дека досега немало толку голема испорака од ниту една претходна Влада. „Дали е подобро од порано? Можам да кажам дека е неколку пати подобро“, истакна Мицкоски.