Цел живот поминаа заедно, еден покрај друг работејќи во образованието на албански јазик. Заедно беа и денеска, фатени за рака за да ја примат наградата “22 Ноември“. Парот Кимете и Аднан Агаи се двајца ветерани во образованието кои минале низ разни предизвици и пречки заради мисијата која ја имале пред себе, ширењето на албанскиот јазик.
„Ви благодарам на сите! Да сте живи и да продолжиме со ваква работа. Ве сакам сите“, рече Агаи.
Наградата “22 Ноември“ оваа година ја доби и историчарот и истражувач од САД, Давид Хосафлок.
„Една од моите желби или радости во последно време беше откривањето пред светот на семејството Кириази и во нивно име ја примам оваа награда бидејќи претставува продолжување на нивната работа. Тие живееле и израснале во Битола. Биле Албанци кои ги сакале сите нивни соседи од различни ентитети.“, вели Хосафлок.
Азбуката и јазикот се реални мултикултурни аргументи на земјава, рече претседателката на Советот кој ја доделува оваа награда.
„Денес со право потенцираме дека нашите етнички и јазични разлики ги сметаме за богатство, за вредности кои сме ги добиле на нашиот пат кон интеграцијата во ЕУ.“, вели Гезиме Старова.
Иако изјавите беа полни со мултикултурализам, освен заменик министерот за култура, ниту еден македонски министер не присуствуваше на доделувањето на наградите. Не дојдоа и албански претставници, освен тие од ДУИ.
Присутни беа и двајцата пратеници, Рамчиловиќ и Земон, кои всушност не се Македонци.
Од редовите на ДУИ се погрижија да дојдат вицепремиери, претседателот на Собранието, двајца министри и 6 пратеници, вклучувајќи го тука и претседателот на партијата, Али Ахмети, според кого би било подобро на вакви настани да присуствуваат претставници од сите заедници.
„Ова не треба да се случува ниту кај Албанците ниту кај Македонците, да бојкотираат или да се премолчуваат вакви важни историски денови.“, вели Ахмети.
Наградата 22 Ноември денеска беше доделена за прв пат и им се доделува како признание на личности кои имаат свој придонес во политичкиот, културниот и општествениот живот во Македонија.