Хроничните болести многу често се составен дел на стареењето. Според Националниот совет за стареење на САД (NCOA), 80 отсто од пензионерите имаат една хронична болест и 68 отсто повеќе од една.
Со какви здравствени проблеми најчесто се соочуваат луѓето по 60-тата година од животот?
Висок крвен притисок
Според Медицинскиот факултет Харвард, денес повеќе од 70 отсто од мажите постари од 55 години имаат висок крвен притисок.
Американското здружение за срце вели дека крвниот притисок треба да биде 120/80 или понизок. Со текот на времето, високиот крвен притисок може да ги оштети крвните садови, што значително го зголемува ризикот од мозочен удар, срцев удар и деменција.
За да го намалите ризикот, редовно проверувајте го крвниот притисок и следете ги советите на вашиот лекар за тоа како да го одржувате во здрав опсег. Јадете храна здрава за срцето, одржувајте оптимална тежина и останете активни.
Висок холестерол
Речиси половина од постарите имаат висок холестерол, а таложењето на маснотии во крвта може да предизвика затнување на артериите, што може да доведе до срцев или мозочен удар.
Експертите советуваат да се проверува холестеролот на секои пет години, но почесто кај постарите лица. Вашето вкупно ниво на холестерол треба да биде помало од 200 милиграми на децилитар (mg/dL), со LDL, лош холестерол, помалку од 100 mg/dL и HDL, добар холестерол, на ниво од 60 mg/dL или повисоко.
Јадете храна со малку заситени масти и транс масти, вежбајте повеќето денови во неделата и одржувајте ја вашата тежина во идеалниот опсег.
Артритис
Речиси една третина од постарите лица страдаат од болки во зглобовите и отоци предизвикани од артритис. Според ЦДЦ, редовното вежбање може да помогне, пешачење и пливање исто така, како и одржување на здрава телесна тежина, бидејќи прекумерната тежина врши дополнителен притисок врз зглобовите.
Срцева болест
Околу 29 отсто од постарите луѓе се лекуваат од исхемична срцева болест, при која на ѕидовите на артериите се акумулира плакета, што ги стеснува и ги зголемува шансите за срцев или мозочен удар.
Според Американското здружение за срце, за да спречите срцеви заболувања на која било возраст, јадете здрава храна, вежбајте најмалку 150 минути секоја недела и научете да ги препознавате предупредувачките знаци на срцев или мозочен удар.
Дијабетес
Околу 27 отсто од постарите лица се лекуваат од дијабетес. Претходно оваа година, Светскиот економски форум го опиша дијабетесот како „тивка епидемија“, истакнувајќи дека уби три пати повеќе луѓе од коронавирусот во 2020 година.
Дијабетесот е состојба во која телото не може да го процесира шеќерот во крвта и го транспортира до клетките на телото за енергија. Хронично покаченото ниво на шеќер во крвта може да ги оштети крвните садови, што доведува до срцеви заболувања, мозочен удар и слепило.
Експертите предвидуваат дека еден од 10 луѓе од сите возрасти ќе има дијабетес до 2045 година. За да го избегнете, јадете помалку дополнителен шеќер и помалку преработена храна, а повеќе овошје и зеленчук.
Вежбајте редовно. И одржувајте ја вашата тежина во здрав опсег.
