Историскиот нафтен шок и растот на цените на горивата создаваат поволна клима за електричните возила, а кинеските производители веќе се подготвуваат максимално да ја искористат ситуацијата.
Војната меѓу САД и Израел против Иран сериозно го наруши снабдувањето со фосилни горива од Блискиот Исток. Цената на суровата нафта минатата недела достигна дури 119 долари за барел, што ги зголеми стравувањата од инфлација и можна глобална рецесија, објави Си-Ен-Ен.
Сепак, кризата доаѓа во вистинско време за кинеската индустрија на електрични возила, која на домашниот пазар се соочува со силна конкуренција и забавување на растот. Додека цените на електричните автомобили опаѓаат, горивата стануваат сè поскапи – комбинација која може да го забрза нивното глобално ширење, особено во Азија.
Аналитичарите оценуваат дека високите цени на горивата ќе им овозможат на кинеските брендови да направат силен пробив на азиските пазари, кои се најпогодени од недостигот на енергенси.
И покрај инвестициите во обновливи извори, кризата повторно ја нагласи зависноста на Азија од увоз на нафта. Околу 60% од резервите доаѓаат од Блискиот Исток преку Ормутскиот теснец, каде што Иран значително го ограничи протокот.
Според анализите на Ember, електричните возила се клучни за намалување на трошоците за увоз на енергија. Само минатата година тие ја намалиле глобалната потрошувачка на нафта за 1,7 милиони барели дневно.
Експертите предупредуваат дека оваа криза може да ја забрза енергетската транзиција во Азија, слично како што војната во Украина ја поттикна Европа да инвестира во обновливи извори.
Кина, која повеќе од 40% од нафтата ја увезува од Блискиот Исток, веќе има придобивки од оваа транзиција. Како најголем увозник на нафта, но и лидер во производство на енергија од ветер и сонце, таа е помалку изложена на кризата.
Електричните возила веќе сочинуваат околу 50% од продажбата на нови автомобили во Кина и значително ја намалуваат зависноста од нафта.
Сепак, кинеските производители се соочуваат со проблеми на домашниот пазар. Од 129 брендови, се очекува само околу 15 да опстанат до 2030 година поради силната конкуренција и намалувањето на државните субвенции.
Поради тоа, странските пазари стануваат клучни. Но, пристапот до САД е ограничен поради високите царини, кои го штитат домашното производство и компании како Тесла.
Во меѓувреме, азиските земји веќе воведуваат мерки за штедење енергија, додека производители како VinFast нудат попусти за да ја зголемат продажбата.
Аналитичарите заклучуваат дека нестабилните цени на горивата и политичката поддршка ќе доведат до брз раст на пазарот на електрични возила, при што најмногу ќе профитираат производителите кои можат брзо да понудат достапни модели.
