Свет

Најмалку 26 лица загинаа, 11 се водат за исчезнати во лизгање на земјиште во Суматра

Најмалку 26 лица загинаа, 11 се водат за исчезнати во лизгање на земјиште во Суматра

Спасувачите пронајдоа неколку тела додека цеделе вода по поројните поплави и лизгање на земјиштето предизвикани од обилните дождови на индонезискиот остров Суматра, во кои според новиот биланс, најмалку 26 лица загинале, а 11 се уште се водат како исчезнати.

Монсунските дождови и надојдените реки во четвртокот поплавија девет области во провинцијата Западна Суматра, а следниот ден, големото лизгање на земјиштето предизвика излевање на реката и поплавување на планинските села во областа Песисир Селатан.

Работата на спасувачите била отежната поради прекини на струја, оштетени мостови и патишта затрупани во кал и шут, соопшти Националната агенција за управување со катастрофи.

Портпаролот на агенцијата Абдул Мухари рече дека спасувачите пронашле уште тела, главно во најтешко погодените села во областа Песисир Селатан и соседната област Паданг Паријаман, со што бројот на загинати се искачи на 26.

Тој рече дека во одроните се затрупани најмалку 14 куќи, повредени се двајца локални жители, а се трага по уште 11 лица кои се пријавени за исчезнати.

Повеќе од 37.000 куќи и згради беа потопени во монсунските дождови во провинцијата Западна Суматра, рече Мухари. Најмалку три куќи беа однесени од поројот, а околу 666 беа оштетени, додаде тој.

Во поплавите оштетени се и 26 мостови, 45 џамии и 25 училишта, 13 патишта и два системи за наводнување, при што се потопени 113 хектари оризови полиња, како и неколку насади, објави агенцијата.

Обилните дождови предизвикуваат чести одрони и поројни поплави во Индонезија, архипелаг со повеќе од 17.000 острови.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни