Најмногу дожд наврна во Маврови Анови – 12 литри на метар квадратен

Македонија денеска беше зафатена од облачно и дождливо време, со значителни врнежи во повеќе региони и засилен јужен ветер. Според податоците од УХМР, највисоката дневна температура се движеше од 5 до 18 степени. Најстудено беше во Лазарополе со 5 степени, додека највисока температура од 18 степени беше измерена во Струмица.

Во текот на изминатите девет часа најмногу дожд наврна во Маврови Анови – 12 литри на метар квадратен. Следуваат Попова Шапка и Пожаране со по 11 литри, Тетово со 9, Охрид со 7, како и Крушево, Претор, Велес, Прилеп и Крива Паланка со по 5 литри на метар квадратен.

Времето до крајот на денот ќе остане претежно облачно со повремени врнежи од дожд, особено во западните делови, каде локално се очекува да наврнат над 25 литри дожд на метар квадратен. Ветерот ќе биде умерен, понекаде и засилен, претежно од јужен правец.

Утре продолжува нестабилното време. Ќе биде облачно со врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во источните делови од државата. На повисоките планини дождот ќе преминува во снег, а на некои повисоки места ќе има мешани врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Утринските температури ќе се движат меѓу 3 и 8 степени, а дневните ќе достигнат од 6 до 11 степени.

Во Скопје утре се очекува претежно облачно време со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Температурите ќе се движат од минимални 5 до максимални 9 степени.

Според прогнозата за наредните денови, претежно облачно и дождливо ќе биде до сабота. Најобилни врнежи се очекуваат денеска, преку ноќ и утре, кога на некои места количеството дожд може да надмине 25 литри на метар квадратен за 24 часа. Од четврток, со спуштање на температурите и засилен северен ветер, на планините врнежите се очекува да преминат во снег, а на некои повисоки места ќе има мешани врнежи.