Најстудено утрово на Попова Шапка, измерени -2 степени

Утрово најстудено е на Попова Шапка, каде што се измерени -2 степени Целзиусови. Нула степени се регистрирани во Лазарополе, 1 степен во Крушево и Маврови Анови, 2 во Крива Паланка, Берово и Кавадарци, 3 степени во Охрид, Битола и Прилеп, 4 во Тетово, Претор и Виница, 5 во Скопје-Зајчев Рид, Велес и Струмица, а најтопло утрово со 6 степени е во Скопје-Петровец, Штип, Демир Капија и Гевгелија.

Во изминатите 24 часа, заклучно со 7 часот, најмногу врнежи се измерени во Лазарополе – 6 литри на метар квадратен. По 3 литри се регистрирани во Тетово, Охрид, Прилеп и на Попова Шапка, 2 во Пожаране и 1 литар на метар квадратен во Претор, Крушево и Маврови Анови.

Снежна покривка утринава има само на Попова Шапка, каде што се измерени 63 сантиметри снег.

Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Попладне и во текот на ноќта се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини во северозападните делови врнежи од снег. Ќе дува умерен ветер од југоисточен правец, кој долж Повардарието повремено ќе засилува.

Максималната дневна температура ќе се движи од 6 до 12 степени.

Во Скопје ќе преовладува претежно облачно време, а кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен југоисточен ветер, кој во одделни делови од котлината повремено ќе биде засилен. Дневната температура во главниот град ќе достигне до 11 степени.