Денеска во земјава преовладува сончево и топло време, со пријатни пролетни температури и мала до умерена облачност. Во текот на ноќта, сепак, се очекува локална појава на слаб дожд во одделни делови.
Утринските температури беа најниски во Берово каде се измерени 0 степени, додека 3 степени се регистрирани во Битола, Маврови Анови и Лазарополе. Во Скопје-Петровец, Крива Паланка, Тетово, Демир Капија и Струмица минималната температура изнесуваше 4 степени. Со 5 степени утрото го дочекаа Охрид, Претор, Прилеп, Штип и Попова Шапка, додека во Велес и Гевгелија беа измерени 6 степени. Кавадарци имаше 7, а Скопје-Зајчев Рид, Куманово и Крушево 8 степени. Најтопло утрово било во Виница со 9 степени.
Снежна покривка има само на Попова Шапка, каде во 8 часот се измерени 57 сантиметри снег.
Во текот на денот ќе дува слаб до умерен ветер од западен и северозападен правец, а максималната температура ќе се движи во интервал од 20 до 27 степени.
Во Скопје времето ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Во текот на ноќта во одделни делови од котлината се очекува слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, а дневната температура ќе достигне до 25 степени.
