Најстудено време утрово на Попова Шапка, измерени минус четири степени

Студено утро со температури под нулата беше измерено во делови од земјава, додека во текот на денот се очекува променливо облачно време со врнежи од дожд, а на повисоките места и снег.

Најниска температура од -4 степени е измерена на Попова Шапка, -1 во Лазарополе и Крушево, додека нула степени се регистрирани во Маврови Анови и Претор. Во Охрид утринската температура изнесувала 1 степен, во Битола 2, а во повеќе градови како Крива Паланка, Тетово и Прилеп биле измерени 3 степени. Во Скопје-Зајчев Рид температурата се спуштила до 4 степени, додека во Скопје-Петровец достигнала 6 степени. Најтопло утрово било во Гевгелија со 11 степени.

Во изминатите 24 часа најмногу врнежи се измерени во Пожар – 18 литри на метар квадратен, потоа во Маврови Анови 13, Пожаране 12 и Попова Шапка 11 литри. Во Велес, Тетово и Ѓуриште се измерени по 10 литри, додека во повеќе градови количината на врнежи се движела од 1 до 8 литри на метар квадратен.

Снежната покривка е највисока на Попова Шапка со 74 сантиметри, додека во Лазарополе има 19 сантиметри снег. Во Маврови Анови снежната покривка изнесува 5, а во Крушево 4 сантиметри.

Според најавите, денеска времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, кои на места ќе бидат пообилни, над 20 литри на метар квадратен. Ќе има услови и за појава на ретки грмежи. На повисоките места дождот ќе преминува во снег, а на планините се очекуваат врнежи од снег и формирање нова снежна покривка.

Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец, а максималната температура ќе се движи од 7 до 15 степени.

Во Скопје, времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд и услови за ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер, а максималната температура ќе достигне околу 13 степени.