37-годишен маж, кој има полициско досие со ознака „терористички ризик“, е осомничен дека убил едно лице со нож и тешко ранил двајца општински полицајци на крајот од собирот во Мулхаус, во источниот дел на Франција.
Осомничениот има досие со ознака „ризик од терористичка радикализација“, изјави обвинителот Никола Етс, кој го посети местото на настанот.
Полицајците биле избодени со нож во каротидната артерија и градниот кош, соопшти обвинителот, додавајќи дека полесно се повредени уште тројца општински полицајци.
Министерот за внатрешни работи Бруно Ретахо се очекува да биде на лице место во текот на вечерта.
Нападот се случил околу 16:00 часот на маргините на митингот за поддршка на Демократска Република Конго, која се соочува со офанзива на вооруженото движење М23, поддржано од Руанда.
Според локални извори, на осомничениот, кој е роден во Алжир, претходно му било наредено да ја напушти територијата на Франција, па бил под судски надзор, во домашен притвор.
Реагираше францускиот претседател Емануел Макрон кој напомена дека нема сомнеж дека се работи за „терористички и исламистички напад“ и додаде дека министерот за внатрешни работи ќе соопшти повеќе детали во текот на вечерта.