Македонија

Народниот правобранител бара побрза реакција за заштита од семејно насилство

Народниот правобранител бара побрза реакција за заштита од семејно насилство

Семејното насилство и фемицидот и понатаму се меѓу најсериозните предизвици за заштитата на човековите права во Македонија, покажуваат податоците од Канцеларијата на Народниот правобранител.

Народниот правобранител Фатон Селами апелира институциите – полицијата, центрите за социјална работа и Јавното обвинителство – да реагираат побрзо и поефикасно, со цел жртвите да добијат вистинска заштита.

„Жртвата, откако ќе го пријави случајот, мора да биде заштитена од државата – и таа и нејзините деца. Доколку нема каде да се засолни, таа е принудена да се врати во средина каде што повторно е изложена на ризик“, изјави Селами.

Тој потсети дека државата има обврска да обезбеди конкретна сигурност, а не само формално постапување по пријавите. За илустрација, тој го наведе примерот со воен инвалид од Стајковце, кој по поплавите во 2008 година останал без дом, а по повеќе од 15 години неговото станбено прашање сè уште не е решено.

Годишниот извештај за 2025 година покажува дека најмногу претставки до Народниот правобранител се однесуваат на правосудството – 307 случаи (12,79%), следуваат заштитата на потрошувачите со 264 поднесоци (11%), работните односи со 209 и правата на децата со 198 поднесоци.

Извештајот е доставен до Собранието, со очекување институциите да преземат конкретни мерки за подобрување на заштитата на граѓаните и спроведување на препораките.

Селами нагласува дека во услови кога семејното насилство сè почесто завршува со трагични последици, системот мора да реагира побрзо, поодлучно и со вистинска заштита за жртвите.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни