„Нас не нè третираат како оштетена страна, туку како јавност, а ние сме родители кои го изгубиле највредното во животот.“ Со овие потресни зборови Томче Стојков, татко на загинато дете во трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, го опиша односот кон семејствата на жртвите за време на судските рочишта.
Гостувајќи во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, Стојков изрази длабоко разочарување од текот на судската постапка, посочувајќи дека наместо да добијат чувство дека правдата се приближува, родителите се соочуваат со дополнителна болка и понижување.
Според него, како што одминува времето, судскиот процес сè повеќе се оддалечува од очекувањата на семејствата. Тој го критикуваше однесувањето на дел од адвокатите на обвинетите, оценувајќи го како арогантно и без почит кон судот, обвинителството и родителите на загинатите.
„Како времето одминува, работата како да излегува од колосек. Се дозволува осомничените, а особено нивните адвокати, да се однесуваат арогантно. Нема почит ниту кон судијката, ниту кон обвинителите“, изјави Стојков.
Тој посочи дека родителите редовно присуствуваат на рочиштата, не само во главниот судски процес, туку и во останатите постапки поврзани со трагедијата, со надеж дека ќе ја дознаат целосната вистина.
Особено го погодува, како што вели, чувството дека болката на семејствата не се зема доволно предвид.
„Нас не нè третираат како оштетена страна, туку како јавност. А ние сме родители што изгубиле нешто највредно“, нагласи Стојков.
Тој побара од судот поцврсто да раководи со постапката и да не дозволува, како што тврди, одолговлекување преку спорни сведочења, изјави и вештачења.
За Стојков и останатите семејства, секое ново рочиште значи повторно соочување со трагедијата што засекогаш им ги промени животите. Нивното барање останува исто – целосно расветлување на случајот и утврдување одговорност за смртта на нивните деца.