Стопанска комора, Сојуз на Стопански комори и Сојузот на комората за туризам во мај поднеле барање за воведување на банкарска гаранција од 100 илјади евра за отворање туристичка агенција. По ова прашање мислењата кај туроператорите се поделени. Дел од туристичките агенциии се согласуваат со иницијативата, дел не. Едни сметаат дека со гаранцијата ќе се заштитат од нелојална конкуренција, ќе се намали манипулацијата со патниците и ќе им се обезбеди сигурно патување.
„Ние сосема го поддржуваме предлогот за воведување на парична гаранција за регистрирање на туристичка агенција. Поради фактот дека ќе се намали нелојалната конкуренција и ќе се отстрани можноста за манипулација на патниците. Во овој случај ќе се намали просторот странските агенциите да влезат на македонскиот пазар“, изјави Блерта Зеќири, туристичка агенција Аурора.
„На пазарот се појавуваат многу туристички агенции кои се конкурентни и би требало секоја агенција која се занимава со ваква дејност да има ваква банкарска гаранција. Тоа претставува не само за туристите, туку и за нас како соработници, гаранција за соработка бидејќи потпишуваме договори со нив за продажба на наши аранжмани“, изјави Снежана Зелениковска, туристичка агенција Фибула.
Други пак обвинуваат дека поголемите туристички агенции сакаат создадат монопол. Доколку се случи тоа помалите најавуваатдека ќе се здружат, ќе работат рецептивен туризам, ќе продаваат чартери и ќе им бидат директна конкуренција.
„Ние не се заштитуваме од некоја надворешна конкуренција, туку они најавуваат заштита од диви он лајн продавачи кои им навлегуваат во нивниот бизнис, а со тоа ќе значи затворање на малите агенции кои работат и тоа добро работат. Голема грешка е што гаранцијата не гарантира ништо“, изјави Горан Јаневски, туристичка агенција Компас.
Помалите туристички агенци пак се согласуваат дека треба да има поголема државна контрола на тоа кој што работи , но затоа се плаќа данок.
Дали се подготвуваат измени на Законот за туризам за да се надминат проблемите на тур-операторите и дали е разгледано барањето за банкарската гаранција, одговор побаравме од министерот за економија Крешник Бектеши.
„Што се однесува до банкарската гаранција ние, Министерството за економија, ги разгледуваме детално сите нивни предлози, истовремено работната група работи. Ќе излеземе за кратко време со конкретни мерки, со што ќе го смениме и законот. Имаат само осигурителна полиса, а ние мислиме да воведеме и банкарска гаранција со цел сите граѓани што одат на одмор преку туристичките агенции да бидат побезбедни“, изјави Крешник Бектеши, министер за Економија.
Нелојалната конкуренција произлегува од користењето на придобивките од современата технологија што им заштедува време особено на помладите кои се почесто резервираат билети и аранжмани преку интернет. Но, тоа не е единствената причина што се помалку млади луѓе се клиенти во агенциите. Од агенциите се жалат на масовното иселување.
Репортер: Александра Велинова
