Националната арена „Тодор Проески“ е целосно подготвена да го пречека финалето на Купот на Македонија, кое вечерва од 20 часот ќе го одиграат фудбалските екипи на Вардар и Струга Трим Лум.
Од АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор (АДИССДП) информираат дека се преземени сите неопходни активности за натпреварот да се одржи во услови кои одговараат на највисоките меѓународни стандарди.
„Преку максимален ангажман и професионален пристап на АДИССДП, тревната површина е уредена според највисоките европски и светски стандарди за одигрување натпревари. Обезбедивме врвни услови за игра, исполнување на сите технички и логистички критериуми, а сите сегменти од инфраструктурата се проверени и функционални. Нашите спортисти ќе имаат беспрекорни услови за игра, а навивачите идеална фудбалска атмосфера“, соопштија од АДИССДП.
Ова финале претставува круна на домашната фудбалска сезона и се очекува голем интерес од љубителите на фудбалот. Вардар, најтрофејниот клуб во македонскиот фудбал, ќе се обиде да се врати на победничките патеки, додека Струга Трим Лум, актуелен шампион во Првата лига, ќе бара начин да ја заокружи сезоната со уште еден трофеј.
Организаторите апелираат до навивачите да пристигнат навреме на стадионот и да го проследат натпреварот во фер и спортски дух. Очекувањата се дека арената ќе биде исполнета со енергија и поддршка за двата тима, во атмосфера достојна за едно големо фудбалско финале.