Семејствата на жртвите од трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, која се случи минатата година, досега организирале 38 протестни маршеви со кои бараат правда и одговорност за загинатите, изјави Александар Наунов, татко на Надица Наунова, во Отворено Студио на 4ТВ.
Според Наунов, два протести биле одржани во Скопје, а пет блокади биле реализирани на кружниот тек кај „Спорт Реалити“ со цел да се врши притисок за започнување на судскиот процес.
„Секој марш следи по судските рочишта во судницата во Идризово. Будно ги следиме сите случувања и на маршевите ја бараме вистинската правда за нашите деца, но и да се спречи ваква трагедија да се повтори“, изјави Наунов.
Тој нагласи дека целта на протестите е институциите да преземат одговорност и државата да се ослободи од корупцијата во системот.
„Нашите деца ги убија партиските книшки и партиските војници. Секој треба да работи во својата струка и да ја сноси одговорноста за она што го прави“, додаде Наунов.
Тој потенцираше дека семејствата ќе продолжат со протестите сè додека вистинските виновници не одговараат пред правдата.
„Ќе продолжиме да излегуваме на маршевите и да ја бараме правдата – за нашите деца, за идните генерации и ваква трагедија никогаш повеќе да не се повтори“, порача Наунов.
