Откако судот изрече условни казни за злоупотреба на службената должност поврзани со трагедијата во која загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, се огласија семејствата на жртвите. Александар Наунов од Кочани, преку исклучително остро и емотивно обраќање до јавноста и институциите, го осуди правосудниот систем, обвинувајќи дека државата ги штити функционерите наместо да дели правда.
„Законот вели затвор, судот вели може и без тоа“
Во својата реакција, Наунов посочува на драстичниот несразмер меѓу законите и реалноста во судниците. Иако за кривичното дело злоупотреба на службената должност е предвидена затворска казна до 10 години, во пракса институционалната одговорност се свела на минимум.
Тој ја нарече одлуката „техничко затворање на случајот“, посочувајќи дека станува збор за систем кој со години „не гледал и не слушал“, што на крајот довело до незапаметена трагедија која завила цел град во црно.
„Овој несразмер не е случаен – ова е внимателно сведување на вината на минимум, за никој да не понесе вистинска тежина. Системот не се соочува сам со себе – системот се штити сам себе. Ова не е правда“, пишува Наунов.
Сомнежи за судски маневри: Смена на обвинители во последен момент
Тој изразува сериозен сомнеж за начинот на кој се водел целиот процес, обвинувајќи дека правдата била заобиколена преку институционални игри. Наунов директно обвинува за:
- Менување на обвинители во последен момент.
- Прераспределување на предмети со цел да се разводни одговорноста.
- Молк од страна на Јавното обвинителство, што според него е јасна потврда за неправдата.
Според него, со вакви пресуди, и онака катастрофалната доверба во судството од 2% веќе преминува во негатива.
Емотивна порака до судијката: „Вие вашите деца ги имате, ние нашите ги немаме“
Најпотресниот дел од реакцијата е директно упатен до судијката која ја донела пресудата. Наунов прашува дали законите се пишуваат за да важат или за да се заобиколуваат и дали може мирно да се спие кога зад таквата одлука стојат 63 изгубени животи.
- „Вашите деца се до вас. Нека се живи и здрави уште многу години. Логично – кога системот си ги чува своите. А ние? Ние ги немаме нашите“, порачува тој.
На крајот, тој најавува дека борбата на семејствата не запира тука. Порачува дека нивното трпение е потрошено и дека вистинската правда ќе ја бараат пред секоја институција и пред целата јавност.
„Затоа што ние веќе изгубивме сè. А кога ќе изгубиш сè – барем едно ти останува: да не молчиш. И не, нема да се повлечеме. И запомнете – и оваа ваша „пресуда“ носи одговорност. На неа стои вашиот потпис. И тој потпис – останува“, заклучува Наунов.
