„Не кријам дека сакам убави часовници“: Мицкоски им врати на критичарите – „Вие сте талог, ќе објавам колку данок сум платил“

Премиерот Христијан Мицкоски вечерва во дебатниот магазин „Клик Плус“ на ТВ21 жестоко одговори на обвинувањата од опозицијата поврзани со неговите скапи рачни часовници. Тој не негираше дека поседува скапа колекција, но најави дека наскоро ќе обелодени докази за платените даноци, нарекувајќи ги критичарите „талог на општеството“.

Мицкоски истакна дека нема намера да се крие или да се правда за парите што, како што вели, ги заработил чесно работејќи за европски компании пред да стапи на функција.

Се вчитува...

„Талог на општеството“

Коментирајќи ги секојдневните напади и фотографии од неговите часовници што кружат во јавноста, премиерот беше остар:

„Гледам дека сум тема овие денови на оној мал дел во политичкиот свет кој јас ги нарекувам талог на општеството. Не криев дека сум љубител на убави часовници и дека поседувам во својата колекција“, изјави Мицкоски.

Најава за транспарентност: Ќе ги објави даноците

За да ги замолчи шпекулациите за потеклото на имотот, Мицкоски вети дека во наредниот период ќе излезе со конкретни бројки пред граѓаните.

„Периодот кој следи транспарентно ќе објавам колку сум платил данок на државата во периодот кога сум работел за европски компании и колку дополнително данок сум платил на државата“, најави тој.

„Немам од што да се срамам“

Мицкоски потенцираше дека сè што стекнал е плод на чесен труд и дека нема да дозволи политичките противници да фрлаат дамка врз неговото семејство.

„Немам причина и да се срамам со тоа што сум го работел, затоа што сум го работел чесно и достоинствено и нема да дозволам да се извалка името на моето семејство. Никому ништо не должам, и секогаш правам сè за интересот на Македонија“, заклучи премиерот.