На првото рочиште во Кривичниот суд за трагичната сообраќајна несреќа во која животот го загуби 21-годишната Фросина Кулакова, обвинителот Александар Марковски изјави дека ќе докаже оти возачот Васил Јованов ја усмртил младата жена со умисла.
Несреќата се случила на 29 јануари 2025 година на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје. Јованов, според обвинението, управувал возило без возачка дозвола, под дејство на алкохол, и се движел со 91 километар на час. На црвено светло за возила, на пешачки премин, удрил во Фросина Кулакова, која поминувала на зелено светло. Од силината на ударот, таа починала на лице место.
– Не станува збор за обична сообраќајна несреќа, не поради медиумската помпа или локацијата каде што се случила, туку поради начинот на кој била предизвикана – со низа тешки сообраќајни прекршоци и поради загубата на млад живот, изјави обвинителот Марковски.
Тој истакна дека Обвинителството располага со четири вештачења, вклучително и сообраќајно вештачење, осум сведоци – главно очевидци, како и материјални докази. Особено внимание било посветено на однесувањето на обвинетиот пред несреќата.
– Обвинетиот нецела минута пред критичниот момент возел цик-цак, преминал преку две полни линии. Иако овие прекршоци не се самостојно кривично дело, тие се важни докази за постоење на умисла, рече Марковски, додавајќи дека Јованов е и претходно осудуван, но тоа не го навел при давање на неговите податоци во судот.
Случајот го води судијката Снежана Марковска, а Јованов се товари за кривично дело за кое е предвидена затворска казна до 20 години. Судскиот процес продолжува.